Нашата земја чекори по европскиот пат со отворено срце и ум, прифаќајќи ги европските вредности, но ги отфрламе уцените што не се дел од овие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маската на европскиот процес. Европа е дом на правото, правдата и достоинството. Ова се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за ЕУ, и туѓо за нас, изјави денес премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување, Марта Кос, во рамките на самитот на лидери на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст.
„Испорачуваме резултати, не затоа што тоа некој го бара од нас, туку затоа што тоа го заслужуваат нашите граѓани. Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности не затоа што тоа ни го наложува некој, туку затоа што тоа е нашиот избор, нашиот пат, нашата определба. И затоа, благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени сами да си помогнеме, да ги спроведеме реформите и да ја трансформираме државата, со инвестирање, со работа, со доверба во сопствените сили и со партнерство со ЕУ“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека денеска во Скопје се домаќини, но и партнери и сојузници на една заедничка визија, за регион што не се дефинира преку своите проблеми, туку преку своите можности.
„Визијата за Западен Балкан кој се приближува кон Европската Унија не со зборови, туку со дела, со реформи, со резултати, со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните. Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија“, истакна премиерот.