Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Неготино се закани дека сите оние трговци кои картелски се здружуваат, ќе одговараат пред законот.
„Секој оној кој мисли дека ќе се служи со трикови, ќе сноси одговорност. Сите оние кои мислат картелски да се здружуваат, ќе бидат одговорни пред Законот. Сите оние кои мислат дека ќе се богатат на грбот на народот, се лажат“, рече Мицкоски.
Антимонополската управа откри дека четири ланци на маркети ВЕРО, Тинекс, КАМ, Рептил како и Сојузот на стопански комори склучиле договор за формирање цени, односно картелско здружување.

Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе заклучоци за поведување на прекршочни постапки. Во документот од Комисијата стои дека маркетите и комората на почетокот на февруари во Комората одржале состанок на кој според заклучокот на Антимонополската комисија склучиле договор за формирање цени, односно картелско здружување. Комисијата смета дека Сојузот на стопански комори претставува учесник во евентуално забранетиот договор. Според заклучокот, лица од Комората ја лажеле Комисијата и криеле информации.