Нема договор за минималната плата, но ќе се дефинира официјална потрошувачка кошница

Facebook
Twitter
Email
Print

Нема договор за минималната плата, но ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии. Ова е договорено на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) што се одржа во Владата.

Како што изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов по завршувањето на денешната седница на ЕСС, Владата смета дека е добро да има независно тело кое ќе нуди различни пресметки, а се надева и дека тоа ќе биде порелевантен показател од она што го прави ССМ.

„ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка која се покажа како единствен релевантен податок. Ако грешката е што во неа се ставени сеознски овошја, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Веројатно сите сакаат да станат синдикалци. Она што го критикуваат во нашата кошница е минимално пресметано, 25 грама цреши денеска можеме да поделиме со семејството, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал. Со 730 денари во текот на денот не може да купите ни четири бурека ни четири јогурти, а не за појадок, ручек и вечера. Сепак, стоиме на располагање за да пренесеме дел од нашите знаења ако државата или Државниот завод за сатистика смета дека треба да направат некакво унапредување. Но, ќе потсетам, и денеска статистика пресметува близу 230 производи во нивната кошница кои се далеку понереални: ананас, јагоди, ореви, бадеми,… Она што ССМ го прави од 2010 година било и ќе биде критикувано од сите влади, но ако разговорите преминат од фаза на дискусија и идеи во фаза дека ќе ни докажат дека можеме да преживееме со далеку помалку, можеби ќе треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде над 2.000 евра, која ќе ги отсликува реалните, а не минималните потреби, само тоа нема да им се допаѓа ни на Владата, ни на работодавачите“, рече Трендафилов.

Според претседателот на ССМ укажувањата за потребата за независно тело кое ќе ја пресметува потрошувачка кошница е само обид за минимизирање на синдикатите, за замолчување, со цел да не дојде до зголемување на платите.

Претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска, изјави дека телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на ЕСС.

„Нема договор за минималецот. Се дискутираше за минималната синдикална кошничка, но се официјализираше дека ќе има официјална потрошувачка кошница која ќе ја креираат. Сметаме дека ќе биде официјална и институционална која ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи релевантни за една кошничка. Се дискутираше на неколку теми, меѓу кои и минималната плата, но имаше само дискусија, без ставови и заклучоци. Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми. Тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи Синдикатот за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок“, изјави Трајкоска по седницата.

Пред седницата на ЕСС работодавачите рекоа дека е можно минималната плата да биде и повисока од 450 евра ако Владата субвенционира дел од придонесите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи