Во насока на унапредување на работењето и ефикасно управување со јавните институции, донесовме одлука за кадровска промена во ЈОУ Детски градинки „Наша иднина“ – Прилеп и во ЈП за ПУП – Прилеп, информира преку писмено соопштение градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски.
„За директорка на ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп е именувана Билјана Петкоска, дипломиран воспитувач, со повеќе од 20 години работно искуство во предучилишното образование. За директор на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, во чиј состав функционираат и јавниот градски превоз и паркинг-просторот во нашата општина, е именуван Игор Неделкоски, дипломиран сообраќаен инженер со 16 годишно работно искуство во приватниот сектор“, вели во соопштението Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Проданоски се заблагодарува на досегашните раководители за нивниот труд, посветеност и придонес во работењето во овие институции.
„Овие кадровски промени се направени со цел продолжување на професионалниот пристап, јакнење на стручноста, стабилно и транспарентно работење, како и градење поголема доверба кај граѓаните. Убеден сум дека новите менаџерски тимови ќе придонесат кон позитивни и здрави промени, во интерес на институциите и на сите прилепчани“, додава Проданоски.