Вчера (19.02.2026 година) службениците од Шумската полиција Прилеп реализираа повеќе одделни интервенции на терен, при што се запленети огревни дрва и средства користени за незаконски транспорт и сеча.
Во с. Плетвар беше забележано патничко моторно возило „Даеву Есперо“ натоварено со огревни дрва, кое се дало во бегство. По кратко време возилото е пронајдено во с. Плетвар заедно со 0,90 м³ дабови огревни дрва. Возилото и дрвата се одземени и предадени во ПШС „Црн Бор“ – Прилеп.
На истата локација дополнително се пронајдени и 2,50 м³ зелени дабови огревни дрва, нежигосани и необележани за сеча, кои исто така се одземени и предадени во „Црн Бор“.



Потоа, под брана кај вештачко езеро, затекнати се лица со три колички – двоколки, натоварени со по околу 0,30 м³ зелени дабови дрва (млади фиданки). Количките и дрвата се одземени и предадени во ПШС „Црн Бор“ – Прилеп.
Околу 19:00 часот, во координирана акција со ОВР – Прилеп, на превојот Дервен се пронајдени и одземени 2,10 м³ сечени габерови огревни дрва бесправно складирани.
„Против сите инволвирани лица ќе бидат поднесени соодветни пријави согласно закон, а сите одземени дрва и средства се предадени во ПШС „Црн Бор“ – Прилеп. Шумската полиција од Прилеп апелира до граѓаните активно да пријавуваат бесправна сеча, нелегален транспорт и складирање на огревни дрва. Вашата навремена пријава е клучна во заштитата на шумите и спречување на понатамошно уништување на шумскиот фонд. Само со заедничка соработка можеме ефикасно да ставиме крај на незаконските активности“, велат од Шумската полиција во Прилеп.


