Шумската полиција од Прилеп продолжува со засилени контроли на терен во борбата против бесправната сеча, транспорт и складирање на огревно дрво. Во изминатите денови реализирани се повеќе активности на различни локации, при што се одземени огревни дрва и средства користени за нивен нелегален транспорт.
- Денес (12.03.2026 година), на место викано „Кукул“, одземени се еден самар и 0,60 м³ дабови огревни дрва.
- Вчера (11.03.2026 година) околу 18:00 часот, во атарот на с. Беловодица се пронајдени 1,70 м³ бесправно складирани дабови огревни дрва. Истата вечер, околу 21:00 часот, на место викано „Борула“, одземено е патничко моторно возило „Лада“ натоварено со околу 1 м³ огревни дрва.
- Претходно, на 07.03.2026 година, повторно во атарот на с. Беловодица се пронајдени 1,5 м³ бесправно складирани дабови огревни дрва.
- На 06.03.2026 година, на место викано „Леково“, одземен е еден шпедитер натоварен со 1,5 м³ огревни дрва.
- Исто така, во раните утрински часови на 05.03.2026 година, околу 03:00 часот, на место викано „Борула“, одземено е патничко моторно возило „Форд Фиеста“ натоварено со околу 0,70 м³ огревни дрва.
- Сите пронајдени дрва и средства се одземени и предадени во ПШС „Црн Бор“ – Прилеп, а против лицата инволвирани во овие незаконски активности се поднесени соодветни пријави согласно законските прописи.
Апел од Шумската полиција – Прилеп: Ги повикуваме граѓаните активно да пријавуваат бесправна сеча, транспорт и складирање на огревно дрво. Воедно апелираме да не се купуваат огревни дрва без соодветна испратница и без жиг, бидејќи таквото дрво се смета за нелегално и подлежи на одземање, а следуваат и соодветни законски санкции. Контролите на терен ќе продолжат со засилено темпо.