Добивме согласност за вработување на хонорарците од Министерството за финансии за сите 124 лица кои беа со договор. Огласите ќе започнат од утре, значи прилепската болница ќе добие 21 доктор, 49 сестри и дополнителен медицински работен кадар, информира на денешната прес конференција директорот на Општа болница Прилеп, д-р. Кире Јоноски.
„Заедно со претходните 8 специјализанти и докторите кои ги трансформиравме од приватно на државно и ги вработивме, значи само за оваа година ќе се вработат 30 доктори. Ако претходно имавме вкупно 120, 30 доктори за неполна година е навистина голема бројка. Значи освен што вложуваме во апаратура, вложуваме и во човечки кадар. Можеби сегашноста не ни е добра, не е розова, но со тие 30 доктори имаме иднина“, истакна Јоноски.
Станува збор за редовни вработувања според годишната програма, односно пополнување на местата на работници на кои им завршува работниот век и одат во пензија, работници кои се иселуваат од државата и слично.
„Сите доктори од овој повик се од општа дејност, претходно беа вработени 8 специјализанти, а сега ќе имаме и втора фаза за други специјализнти, исто околу 10. Значи прилепската болница, со поддршка од Владата и Министерството може да се каже дека во најголем дел полека го решава проблемот со персонал, ние градиме иднина. За разлика од претходно кога ја начекавме болницата и финансиски и кадарно во незавидна состојба, ние ги градиме темелите за успешна болница во иднина. За рентгенолози е потребна 4 годишна специјализација, а за другите области 6 години специјализација, значи преку ноќ ништо не можеме да направиме. Максимум што можеме да направиме е да ги вработиме младите доктори, 21 нов доктор, тоа е огромна бројка, кои во иднина ќе станат специјалисти“, додаде Јоноски.