Не престаува теророт кој што се случува врз православниот храм Св. Никола во прилепското село Дабница. Во деновите пред Бадник крадци влегле во црквата и при тоа од трпезаријата е украден моторот од фрижидерот,како и други разни кабли.
Пред само еден месец непознати сторители направија вистински масакр на багремовите дрвја засадени во гробиштата во селото Дабница. Уништени и исечени беа 30-тина дрвја, а дел од нив при сечењето паднале и оштетиле дел од надгробните споменици. Гробиштата се во состав на селската црква Свети Никола.
Во април оваа година исечени беа дрвјата околу црквата и беше извршена тешка кражба во православниот храм. Крадците го откорнале металниот прозорец од олтарот и на таков начин влегле во објектот. При оваа кражба уништена беше и трпезаријата. Повторно кражба се случи и во јули кога од црквата се украдоа круните за венчавање, кандила, кадилници и други помали предмети кои се употребуваат во богослужбите.
Засега ниту еден од овие сторители не е уапсен. Жителите на Дабница велат дека никој не ги заштитува и се оставени сами на себе, на милост и немилост на криминалците.