Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски денеска го најавија новиот повик од ИПАРД II програмата: Јавен повик за мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси” .
Преку овој повик во наредниот период на микро и малите претпријатија на располагање им се 9,6 милиони евра за реализација на инвестиции во повеќе сектори.
Од денеска, па се до 22 август претпријатијата, занаетчиите, фармерите и сите претприемачи од руралните области ќе можат да аплицираат на овој јавен повик.
„Средствата од овој jавен повик се наменети за поддршка на инвестиции кои ќе придонесат за да стимулираме развој на економски активности во руралните средини и руралниот туризам. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 9.6 милиони евра, со можност во текот на јавниот повик, износот да се зголеми. Средствата се обезбедни со поддршка од 75% од ЕУ фондови и 25% национално ко-финансирање, а вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата, нема да ја надминуваат границата од 65%. Со реализацијата на овој јавен повик, целосно ќе ги искористиме средствата кои ни се располагање од ИПАРД II Програмата“, вели Хоџа.
Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, истакана дека главната цел на оваа мерка е поттикнување на вработувањата и зголемување на економската активност во руралните средини, преку развој и промоција на руралниот туризам, зачувување и развивање на занаетчиските активности и мотивирање на руралното претприемништво.
„Приоритетни сектори кои се поддржани од оваа мерка се инвестициите во алтернативното земјоделско производство, инвестициите во производство на прехрамбени и не-прехрамбени производи, инвестициите во занаетчиските дејности, инвестиции во услуги за руралното население и инвестициите во руралниот туризам. Како корисници на мерка 7 се прифатливи и физичките и правните лица кои спаѓаат во рангот на микро и мали претпријатија. Висината на финансиската поддршка се движи од 1.500 до 1.000.000 евра, не вклучувајќи го данокот на додадена вредноста, а повратот на инвестициите е во висина до 65% од вкупните прифатливи трошоци. Проектираниот буџет за оваа мерка е 9.6 милиони евра, со можност за негова екстензија. Ова се сериозни средства кои ќе имаат директен импакт врз развојот на постојните, како и отварањето на нови мали и микро претпријатија кои се главните мотори на домашната економија”, истакна Бачовски.
Во тек се и активности за подготовка на новата ИПАРД Програма 2021-2027 или ИПАРД III, преку која се очекува Република Македонија да добие за 60% повеќе средства во споредба со ИПАРД II.
„Веќе се започнати консултации по однос на приграмскиот документ и предвидените мерки. Се очекува Европската комисија да ја усвои новата ИПАРД програма 2021-2027 за нашата држава во декември оваа година, веднаш потоа ќе биде објавен првиот повик од ИПАРД 3 програмата. И во новата програма верувам дека ќе бидеме лидери во регионот“, потенцира Хоџа.
Крајниот рок за поднесување барања е заклучно со 22 август 2021 година. Сите заинтересирани, потребната документација може да ја симнат од веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk.