По повод 153 години од раѓањето на Гоце Делчев, еден од најзначајните македонски револуционери, идеолог и визионер, Општина Прилеп оддаде почит на неговото бесмртно дело. Делегација од Општина Прилеп, предводена од претседателката на Советот, Ирена Стерјовска-Локвенец, заедно со претставници од училиштата, наставници, ученици, претставници на политички партии и граѓански здруженија, положија свежо цвеќе и се поклонија пред бистата на Делчев во дворот на ООУ „Гоце Делчев“.
„Со својата борба за слобода Гоце Делчев останува светол пример за непокорот, единството и љубовта кон татковината. Неговата жртва и идеали се темел на македонската борба за самостојност и независност, а неговите зборови и дела сè уште горат како факел во срцата на Македонците. Учениците предводени од директорката и наставниците од училиштето, носејќи го гордо неговото име, преку различни наставни и воннаставни активности го одбележаа ликот и делото на револуционерот, потсетувајќи на неговата вечна порака за слободна и напредна Републија Македонија. Општина Прилеп и понатаму ќе го негува историското наследство, пренесувајќи ги вредностите на македонската самобитност и патриотизам и на идните генерации“, велат од Општина Прилеп.