Општинскиот Фудбалски Сојуз од Прилеп постхумно му доделува Плакета на Трајче Маџоски како долгогодишен член на ОФС Прилеп, фудбалски судија и контролор, посветен фудбалски работник и функционер во Фудбалската Федерација на Македонија.
За Трајче Маџоски – Маџо, фудбалски интернационален судија, многу се знае, зашто бил познат и уважен во земјава и во ЈУ просторите, дури во Европа, во светот.
Од 17 годишна возраст бил вљубен во фудбалската топка. Бил во Победа, но не заиграл во првата постава, зашто играле врвни фудбалски мајстори како Илија Димоски – Мајсторот, Трајче Бошкоски – Чачорот, Илија Игњатоски – Даскалот, Димитар Лашкоски – Димакот
Среќата ја побарал во месниот клуб Индустријалец. Маџоски кажуваше дека тренерот Кирил Жерески го ставил на бек, а потоа и центархалф. Ја надминал средината и заминал во 11 Октомври, а ја сонувал Победа. После бил тренер со Благојче Јорданоски, Бела Илиќ, Наќо Тотовски и Бранко Петкоски.
Во 1972 година бил прогласен за најдобар македонски фудбалски судија. Пред заминувањето од овој свет велеше дека “Златна свирка” со амблемот на ФСМ, ФСЈ и УЕФА ги чува како зеницата во окото. Прилепските спортски новинари го прогласија и за најдобар фудбалски судија, спортист на векот.
Во фудбалската и во судиската кариера имал два идола. Едниот бил Димитар Лашкоски – Димакот и како што велеше неговиот втор родител, Перула Костоски, врвен македонски фудбалски судија, човек со голема душа, родителска љубов, критичар и творец.
Аферата со бундите во поранешна Југославија му го отворила патот преку Втората лига – Исток, а потоа меѓу прволигашките судии, каде останал 14 години. Доживеал пријатни моменти и разочарувања.
Во 1980 година го ставил амблемот на УЕФА. Како главен и помошен судија отсудил дваесетина натпревари низ Европа. Го држел несекојдневниот рекорд во фудбалското судење со прекинување на меч во 13 минута меѓу Сутјеска и Вележ во Котор. Признавал една грешка и добил единица. Но му ја избришале, оти не можел да го види прекршокот.
Бил загреан партизановец. Не го криел тоа од дете, а бил коректен кога и судел на оваа екипа. Маџоски бил вработен како генерален секретар на Победа до пензионирање.
Од помладата генерација фудбалски судии бил близок со колегите Мазгалоски, Конески, Талески и Јанески.