Сите оние затворски полицајци кои овозможуваат достапност на телефони и други опасни средства за затворениците, кои се со “валкани“ значки и го срамат затворскиот систем ќе бидат фатени и строго санкционирани, најави директорот на Управата за спроведување санкции Александар Пандов.
Дисциплинските постапки се завршени за затворските полицајци во затворот во Шутка кои му овозможиле мобилен телефон на Васил Јованов, осомничениот кој на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази Фросина Кулакова.

„Откако викендот беше пронајден телефонот во Шутка, веќе во понеделникот од Интервентна полиција веќе беа отидени таму да направат претрес во притворскиот дел и беа пронајдени 70 телефони. По два-три дена подоцна повторно извршија претрес таму и беа пронајдени 35 телефони. Вчера, исто така, во полу-отвореното и отвореното одделение најдоа 30 и нешто телефони. Тоа се бројки што мене ме загрижуваат“, рече Пандов.
Сите затворски полицајци со “валкани“ значки, ќе се најдат зад решетки, вели Пандов.
„Нема поопасна работа од тоа затвореник да има телефон. Во последните акции што беа од МВР, се испостави дека одредени ликови кои се во затворите, тие биле на чело на нивните кланови, банди и со нив командувале внатре во затворите. Оваа борба против затворските полицајци со валкани значки ми е прироритет и нема да попуштам. Сите тие треба да знаат дека порано или подоцна ќе бидат фатени, ќе бидат откриени и не само што ќе бидат дисциплински избркани од работа туку тие ќе имаат пријави соодветни во Обвинителство и ќе бидат процесуирани и јас се надевам дека ќе бидат казнети. Ќе се потрудам со цел мој авторитет и во Обвинителство и во судство тие да се најдат позади решетки. Затоа што тоа што го прават е подривање на системот, си играат со многу опасна работа“, истакна директорот на Управата за извршување на санкции.