Сите речиси 345.000 пензионери ќе добијат по 1.000 денари зголемување на пензијата во септември и уште по една илјадарка во март, или вкупно 2.000 за шест месеци.
„Правиме анализа да линеарно се зголемат пензиите по 1.000 денара сега на есен, октомври кога ќе ја земаат пензијата и во април за март практично, односно 2.000 да има зголемување линеарно за сите пензионери во рамките на следните 6 месеци. Сериозно сме во таа анализа и многу скоро од денеска, бидејќи тоа мора да се случи пред распишувањето на изборите, дали преку закон со скратена постапка или преку група пратеници ќе го поднесеме тоа до, бидејќи тоа е барање на пензионерите“, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Со различен став на оваа тема се различните здруженија на пензионери. Од Здружението на пензионери за достоинствен живот го поздравија линеарното зголемување на пензиите за сите пензионери, додека од Сојузот на здруженија на пензионери се со спротивен став, односно бараат процентуално зголемување на пензиите.
Инаку во земјава има 344.796 пензионери. Просечната исплатена пензија била околу 26.000 денари, но најголем дел од пензионерите се далеку под тој просек. Пензија над 1.000 евра земале околу 3.200 пензионери. А највисоката пензија изнесувала 88.000 денари, ја зеле 18 лица.