Политичките напади врз медиумите ја загрозуваат слободата на изразување, велат од ССНМ и ЗНМ

Facebook
Twitter
Email
Print

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост и најостра осуда на зачестените јавни напади, дисквалификации и етикетирања на новинари и медиуми од страна на политичката партија СДСМ. Последниот таков случај се однесува на јавното таргетирање и етикетирање на телевизијата АЛФА ТВ преку партиски соопштенија и јавни изјави, што претставува директен притисок врз медиумот и неговите новинари.

„Во изминатиот период, преку соопштенија на партиски ограноци, како и преку јавни изјави на лидерот на партијата и други високи партиски функционери, се забележува континуирана практика на таргетирање на новинари и медиуми со што се создава непријателска атмосфера кон медиумските работници. Оваа појава не може и не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како јасна и загрижувачка тенденција која придонесува кон поткопување на слободата на изразување, медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите. Јавното етикетирање и дискредитирање на новинари и редакции од страна на политички субјекти носи ризик од дополнителна стигматизација и може да охрабри понатамошни притисоци и напади врз медиумските работници“, велат од ЗНМ.


Оттаму апелираат дека политичките партии не треба на ваков начин да комуницираат со медиумите и новинарите.

„Ваквиот тип на политичка реторика и конфронтација е неприфатлив кога е насочен кон медиумите. Медиумите не се и не смеат да бидат третирани како политички опоненти. Тие треба да бидат оставени слободно и без притисоци да ја извршуваат својата автономна новинарска улога, во интерес на јавноста и демократските процеси. Како еснафски организации кои ги застапуваат правата и интересите на новинарите и медиумските работници, апелираме до политичката партија СДСМ, но и до сите останати политички субјекти, да ги почитуваат професионалните стандарди, јавниот интерес и улогата на новинарството во демократското општество и да се воздржат од реторика која придонесува кон продлабочување на недовербата и притисокот врз медиумите“,информираат од ЗНМ и ССНМ.

Тие велат дека ќе продолжат внимателно да ги следат овие појави и да реагираат секогаш кога ќе бидат загрозени слободата на медиумите, професионалниот интегритет и безбедноста на новинарите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми