Импресионирана од иновативноста и концептот на МТФ „Војдан Чернодрински“, претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на јубилејното 60 издание, кое ќе се одржи во јуни следната година под мотото „Храбриот нов театар“.
Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со уметничка директорка на Македонскиот театарски фестивал Ана Стојаноска, каде Стојаноска детално ја запозна претседателката со програмата на јубилејно издание на фестивалот. Стојаноска и Сиљановска-Давкова размениле мислења за современата македонска драматургија, значењето на актерите во нејзиниот развој, како и за хроничните проблеми со кои се соочуваат театрите во земјава – од просторните и техничките, до финансиските предизвици.
И покрај тешкотиите, заеднички заклучиле дека театарот мора да остане жив и витален, со јасна мисија да ја поттикне љубовта кон уметноста кај младите и децата.