Четворица вработени на клиниката, меѓу кои и екс директорот Васев, се приведени за поврзаност со случајот за злоупотреба на лекови за болните од канцер, а неофицијално се трага по уште неколкумина. Од Основното јавно обвинителство информираат дека се извршени и претреси на три локации и дека преземените дејствија се по налог на јавен обвинител.
Организацискиот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Халид Матоши денеска во изјава за медиумите потврди дека од Клиниката денеска се приведени три лица меѓу кои и поранешниот директор Нино Васев. Од другите двајца, Матоши вели дека едното е медицинско лице од Онкологија, а другото е вработено.
Информацијата дека од Клиниката за онкологија се приведени три лица ја потврди и директорката на Клиниката, Виолета Клисарова. Таа не ја исклучува можноста дека имало и други претреси.
Случајот „Онкологија“ се откри откако неделникот „Фокус“ минатата година објави серија текстови за постоење на разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.
Минатата година имаше неколку големи протести на граѓаните, кои бараа одговорност. Беше формирана и Анкетна комисија во Собранието која требаше да утврди политичка одговорност за скандалот со Клиниката за онкологија и радиотерапија. Претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, политичка одговорност ја лоцира кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на Онкологија, Никола Васев и Нехат Нухи, поранешната директорка на ДСЗИ, Ирина Сотирова-Бухова, како и ексдиректорите на Фондот за здравство, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.