Прилепскиот уметник Филип Перески со изложбата „Линеарна Хармонија“ ќе се претстави во МКЦ

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

Прилепскиот уметник Филип Перески со својата изложба „Линеарна Хармонија“ ќе се претстави пред скопската публика во Младинскиот културен центар.

Историчарот на уметност Викторија Димеска вели дека реконтекстуализацијата на линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и истражувањето на нејзините бескрајни можности се главни одлики во сликарството на академскиот уметник Филип Перески.

„Спонтаните искривени линии создаваат динамичност и флуидност на дводимензионалната површина. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активен однос и слободна креативна игра меѓу ликовните елементи—контраст и градација на линијата и бојата.

Уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции преку хоризонтално протегнување и вертикално извишување на линиите, нивните брзи градации и збиена густина.

Повторувајќи ги експресивните контрастни линии, тој дополнително создава длабочина во асиметричните композиции. Со искривување и раскршување на линијата, уметникот создава густо ткаење на експресивни односи, каде хаотичната хармонија и редот коегзистираат во визуелна рамнотежа. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на Филип Перески спонтано еволуира во апстрактно-асоцијативен израз“, додава Димеска.

Изложбата ќе биде отворена на 06 ноември во 20:00 часот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми