Прилепските ортопеди изведоа две нови сложени операции со минимално инвазивни техники

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Две нови оперативни техники, современ минимално инвазивен пристап и проширени можности за лекување на пациентите од Прилеп и поширокиот регион. На Ортопедско-трауматолошкото одделение при Општата болница со проширена дејност – Прилеп успешно беа изведени две сложени хируршки интервенции, со што дополнително се унапредуваат можностите за ортопедско лекување во оваа здравствена установа. Станува збор за процедури кои за првпат се применети во прилепската болница, а отсега ќе бидат дел од редовните оперативни методи достапни за пациентите.

Првата интервенција претставува артродеза на скочен зглоб, оперативна метода која се применува кај пациенти со напредната артроза и сериозно оштетување на зглобните површини. Со оваа процедура се постигнува стабилизација и трајно спојување на зглобот, со цел намалување на хроничната болка и подобрување на функционалноста на екстремитетот.

Втората интервенција е ретроградна остеосинтеза на бутната коска, современа метода за хируршко лекување скршеници во нејзиниот долен дел, со која се обезбедува стабилна фиксација на коскените фрагменти и се создаваат услови за нивно правилно зараснување.

Особено важна карактеристика на двете интервенции е примената на интрамедуларна фиксација, односно поставување специјални импланти во внатрешниот канал на коската. Овој современ, минимално инвазивен пристап овозможува поголемо зачувување на околните меки ткива, помала загуба на крв за време на оперативниот зафат и намалување на оперативната траума. Во споредба со поинвазивните хируршки пристапи, ваквите техники можат да придонесат за намалување на одредени постоперативни ризици, како и за полесно и побрзо закрепнување, во зависност од тежината на повредата и здравствената состојба на пациентот.

Успешната реализација на овие интервенции е резултат на стручноста, посветеноста и континуираното усовршување на медицинскиот тим на Ортопедско-трауматолошкото одделение. Воведувањето на новите методи ги проширува оперативните можности на прилепската болница, особено во третманот на сложени скршеници и напредни дегенеративни заболувања на зглобовите. Со нивната примена се создаваат дополнителни услови пациентите да добијат современ хируршки третман во локалната здравствена установа, со помала потреба од упатување во други медицински центри за интервенциите што отсега ќе се изведуваат во Прилеп.

Од медицинскиот тим на Ортопедско-трауматолошкото одделение упатуваат искрени желби за брзо и успешно закрепнување на првите пациенти кај кои беа применети новите оперативни процедури.

Воедно, ја потврдуваат својата определба за континуирано вложување во стручно знаење, усовршување на хируршките техники и воведување современи медицински методи. Приоритет останува обезбедувањето квалитетна, безбедна и достапна здравствена заштита, со примена на современи медицински стандарди, за сите граѓани на Прилеп и поширокиот регион.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци