Поранешните ученици од ООУ „Гоце Делчев“ Диме Велески и Ицко Богоески донираа 37 чемпреси за училиштето и ги засадија во неговиот двор заедно со еколошката секција од ова училиште, предводена од наставничката Донче Ангелеска.
„Диме Велески и Ицко Богоески важат за одличен пример за тоа како да се грижиме за животната средина. Сите заедно засадивме 37 садници симболизирајки ги 36-те паралелки во централното и 1-та комбинирана паралелка во с. Големо Радобил и на тој начин се стави почетокот на првата фаза на хортикултурното и партерно уредување на училишниот двор, проект кој ќе започне во текот на наредната седмица. Се надеваме дека ова е одлична стратегија да ја подигнеме еко свеста на нашите ученици, која е една од многуте цели на нашето училиште“, велат од ООУ „Гоце Делчев“ Прилеп.
Инаку ова е 5-та ваква акција која што ја организира Диме Велески. Во претходните 4 акции за пошумување беа засадени 10.000 дрвја од видот багрем на повеќе локации околу Прилеп. Донатор и на дел од овие 10.000 садници повторно беше Велески.