Прилеп оваа година ќе биде домаќин на 2 меѓународни шампионати и тоа Светско јуниорско првенство и Европско сениорско првенство во воздухопловно моделарство. Натпреварите ќе се одржат од 26 јули до 2 август на теренот во близина на селото Веселчани.
„Задоволството наше е големо, од она што го вложивме минатите 25 години, како резултат на досегашните наши ангажмани, вклучувајќи ја и организацијата на 5 светски и европски шампионати од 2016 до 2024, Меѓународната воздухопловна федерација ни даде доверба и големо внимание од нивна страна, со надеж дека ние имаме капацитети и потенцијали и кадровски и просторни да може да организираме 2 шампионати истовремено. Оваа година е предизвик за сите нас, за Општината, за државата, меѓутоа пред се на организациониот тим кој ги организира овие шампионати. Имаме организација на Светско јуниорско и Европско сениорско првенство, во траење од 11 дена, прилепчани ќе бидат буквално под спортска окупација тие денови. Очекуваме некаде најмалку 45 репрезентации, веќе се најавени Кина, Америка и скоро сите европски држави, очекуваме околу 450-500 присутни, невклучувајќи ги техничките и помошните персонали на репрезентациите. Ќе се одржат натпреварите од 26 јули до 2 август, но како преднатпревар по традиција се организира Светскиот куп „Трофеј на Прилеп“. Очекуваме од 23 јули до 3 август спортистите да бидат тука“, истакна Здравко Тодороски, дел од организациониот тим.
Поради сложеноста за организација на вакви светски и европски првенства потребна е уредена надворешна површина, бидејќи ова се натпревари кои се одржуваат на надворешен терен, во летни услови и на големи жештини.
„Оваа година организацијата на шмапионатите ќе се одвива на теренот покрај село Веселчани кој треба да го уредиме, треба да биде еден мал град тие 10 или 11 дена каде ќе циркулира толку голема бројка на спортисти и помошен персонал. Тоа е голема обврска, се надевам дека ќе успееме со помош на Општината, држава, одредени фирми кои се надевам ќе помогнат сето тоа да го средиме“, додаде Тодороски.
Инаку Македонија во рамки на Меѓународната воздухопловна федерација има добро и заслужено место и е почитувана од сите структури, почнувајќи од комисиите за моделарство, моторно летање и сите други дисциплини кои ги практикува Воздухопловната федерација на Македонија и кои што секогаш се на календарот на меѓународни настани.
„Почнавме со модели за слободен лет, продолживме со дронови, летање со воздухопловни едрилици, прецизно летање каде се одржуваат регионални куп натпревари, а се надевам дека во иднина и моторното летање ќе си го завземе своето место поради тоа што веќе имаме една нова млада генерација пилоти кои можат добро да се носат и да постигнуваат врвни резултати во областа на аеролетањето, но пред се во прецизното летање“, истакна Тодороски.