Притвор од 30 дена за маж од Кавадарци кој е обвинет за полов напад врз деца. Како што информира Основното јавно обвинителство Кавадарци, поведена е постапка против 41-годишно лице, за кое постои основано сомнение дека го сторило кривичното дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
„Осомничениот на точно неутврдени датуми во текот на првата половина на 2020 година, до 21 јули 2020 година, во повеќе наврати извршил полово дејствие врз деца на возраст од 7 и 5,5 години. Притоа, тој ги сликал жртвите со својот мобилен телефон“, информираат од Обвинителството.
Имајќи ја предвид опасноста од бегство на осомничениот, страв дека доколку биде на слобода ќе продолжи со вршење на вакви и слични кривични дела, како и тежината на стореното кривично дело за кое му се заканува висока казна затвор во траење од најмалку 12 години, јавниот обвинител поднесе до надлежниот суд предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Основниот суд Кавадарци со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
![](https://infokompas.com.mk//wp-content/uploads/2020/01/Matador-banner-300-149.jpg)