Инцидент се случил попладнево во скопската општина Арачиново, каде мета на истрели од огнено оружје бил градоначалникот. Според информациите на Министерството за внатрешни работи нападот бил со автоматско оружје, а пукано било во возилото на арачиновскиот градоначалник Ридван Ибраими.

Тешко повреден е член на неговото обезбедување, кој воедно бил и возач на градоначалникот, кој пак не е повреден во инцидентот, потврдуваат од МВР.
„Го внесуваме во сала. Има прострелни рани на градниот кош. Станува збор за момче на околу 30-годишна возраст. Раните се за итна операција, поради што веќе влегуваме во сала“, изјави за Телма Неџати Јакупи, директор на Клиниката за Торакална хирургија во скопскиот Клинички Центар.
Влезовите и излезите од Арачиново се целосно блокирани по пукањето, а селото го надлетува и хеликоптер.