Со напуштени продавници и празни улици, малку знаци на живот има во македонскиот град Валандово, од кој младите масовно заминуваат во потрага по подобри можности во странство, пишува француската агенција АФП во нејзиниот извештај.
Заклучокот од извештајот е дека „Македонија е погодена од демографска бомба поради стареењето на населението, помалку раѓања и масовната емиграција“.
АФП наведува дека Македонија изгубила 10 % од населението во последните 20 години. Денеска во странство живеат околу 600.000 Македонци, покажуваат податоците на Владата и Светската банка. Слабиот економски раст и недостатокот на инвестиции го забавуваат напредокот на земјата, која има само 1,8 милиони жители за 30 години од нејзината независност.
„Ако имавте 2,4 милиони жители, а повеќе од една четвртина немате, тогаш навистина треба да бидете сериозно загрижени за тоа што се случува“, изјави за француската новинска агенција Апостол Симовски, шеф на Државниот завод за статистика.
Селата и градовите како Валандово, лоцирани на 146 километри од Скопје, нудат малку работни места, па затоа оние со амбиции мора да бараат кариери на друго место.
„Системски се уништува духот на младите“, изјави за АФП Перо Костадинов, 33-годишниот новоизбран градоначалник.
„Пет мои пријатели од клас од 20 луѓе веќе се иселиле со своите семејства“, вели за АФП 24-годишниот Бојан Николов, член на младинскиот совет Валандово.