На 23 мај 2025 од 18.30 часот во Ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на скулптури „Рефлексивна привлечност“ од академскиот скулптор Слободан Милошески. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот за 2025, поддржана од Министерството за култура и туризам и ќе биде изложена од од 23.05. до 05.06.2025.

„Низ призмата на оваа изложба на скулпторот Слободан Милошески публиката има можност уште еднаш да види иновативна скулптура која се карактеризира со две особини: начинот на кој се користи материјалот, во овој случај станува збор за метал, и за концептот на артикулирање идеи кои се од доменот на духовното.
Општо е познато дека металните скулптури се познати од најстариот период на човечката цивилизација (статуетки, фигурини, тотеми) и тие имаат свој развој до монументалните споменици на современиот свет. Во сите овие фази металот има свои технологии на обработка, од целосно соголување на површината (поради елиминација на сите производи од корозија), преку користење на абразивни техники, како што се пескарење или минирање со микромонисти, па до хемиско соголување и електрохемиска редукција. Ваквите процедури произведуваат во својата завршница патина или полирана површина, секоја со свои специфичности и намени. Патините се ценети поради естетската убавина и му даваат автентичност на предметот. Поради тоа класичните скулптури од историјата на уметност се обработени според оваа процедура.
Од друга страна за авторот Слободан Милошески кој е претставник на постмодерниот дискурс во скулптурата поголема атрактивност предизвикува скулптурата што може да се полира, скулптура со нагласена текстура или нивната комбинација. Во контекст на севкупната инфраструктура на креација на уметничкото дело тој спроведува третман што резултира со преобликување на металот или со неповратно додавање, како што се лемењето или заварувањето, за да ги обезбеди и профилира скршените сегменти на скулптурата, кои патем ги третира со голема претпазливост и внимание. Во крајна инстанца тоа значи одржување стабилитет на скулптурата и доловување на саканите визуелни ефекти кои истотака се важен сегмент во творештвото на авторот Милошески. Последователно тие визуелни ефекти првенствено се врзуваат за имплементирање на минималистичкиот концепт, кој доминира во последните фази на авторот, со евидентна порака дека овој приод овозможува проширување на апстрактните идеи во свој сопствен реалитет, а не да биде миметичка претстава на реалитетот. Клучните елементи на уметничкото дело, просторот и волуменот, ја наоѓаат својата рамнотежа и динамика во постојаната игра на наизменични тенки, едноставни форми, лансирани во вселената со сета тежина на тешко моделираниот метал. Трансформацијата на металот во уметничко дело, преку магијата на заварувањето, со најдобра примена на конструктивните вештини, во металните скулптури на Слободан Милошески ја бара идејата за трансценденција, за отворање кон друга димензија, кон свет во кој уметникот е господар.
Обично се мисли дека уметноста претставува аспект од реалниот свет (пејзаж, личност, па дури и коњаничка скулптура); или одраз на искуство поврзани со емоциите или чувствата. Но во творештвото на Слободан Милошески не се прави обид да се претстави надворешна реалност, туку уметникот сака гледачот да размислува за она што е пред него. Медиумот (или материјалот) од кој е направен и формата на делото се ентитети на реалитетот кои се важни во обидите да се транспонира мостот помеѓу уметноста и конструкцијата и да се докаже дека тие можат да коегзистираат на хармоничен начин, користејќи тридимензионално графичко обликување присатни во повеќето минијатурни метални скулптури од изложбената поставка.
Металните скулптури добиени со сечење и заварување направени од материјали кои и покрај тоа што може да се сметаат за крути, во реалноста се многу флуидни, пластични и пријатни за изработка на уметничкото дело. Скулптурите може да се преведат во различни метални симболи: стилизирани растенија, инсекти, геометриски форми и така натаму, обезбедувајќи им на гледачите приказ на изработка, со комбинирање на слоеви од метал, едноставност и безбедност на хроматската текстура, во склад со уметничката душа.
Делата на Слободан Милошески се со различна конотација во однос на претходните кои се од доменот на “академскиот пејзаж од механичко-кибернетичко потекло“, со еден поинаков вид на разбирање на односот помеѓу егзактните науки и точноста на уметничката френзија. Сенките на авторот минуваат низ крути простори и се губат некаде во бескрајната ништожност.
Обликувањето на скулптурите претставени на оваа изложба делува дека е направено на едноставен начин и со леснотија, додека од друга страна е видлив капацитетот на авторот да ги примени своите специфични вештини во создавање хармонично комбинирани површини направени од метални елементи и конструкции. Тие во својата завршница продуцираат уметнички дела кои и даваат значение на идејата за прекорачување на границите на искуството, за когнитивното во полето на металната уметност, а на тој начин го отвараат и патот за самиот чин на автосознание, пишува Проф. д-р Џемил Бектовиќ.