Во саботата вечерта во просториите на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп се одржа традиционалниот предновогодишен коктел, на кој присутни беа над 1.000 гости, а беа поделени и новогодишни пакетчиња за најмалите. Настанот помина во една прекрасна, празнична атмосфера, како и победничка еуфорија, па токму тоа беше причината за нашите политички противници од СДСМ по којзнае кој пат да се послужат со измислици, монтажи и конструкции. Истакна Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп како одговор на прес конференцијата на СДСМ на која тие го повикаа да си даде оставка поради инцидентот со пиштолот во штабот на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Одговорот на Ристески го пренесуваме во целост.
„Најпрво на еден од порталите блиски до власта, а потоа и од ОО СДСМ Прилеп објавија фотографија дека во мое присуство, стои лице кое наводно покажува оружје. Бидејќи сум директно повикан, сметам дека моите пријатели и јавноста треба да го знаат следново:
Јас како претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп ги пречекав сите гости и нормално на многумина им дозволив да се фотографираме. Посочената појава на една од фотографиите не ја забележав и ниту сум имал намера, па ниту ќе имам на таков начин да се прославува. Со посоченото лице веднаш разговарав и тој ме извести дека се работи за пластичен пиштол играчка, но и покрај тоа ја осудувам постапката, а пораката од фотографијата е лоша и недолична. Лично како претседател ќе иницирам постапка пред партиските органи за лицето да биде санкционирано од телата на партијата.
Граѓаните добро знаат кој е Петар Ристески, кој колку направил за градот и кој колку се залагал. За разлика од вас кои секојдневно се служите со малограѓански обвинувања и измислици, ние напорно работиме и докажуваме дека пред нас имаме само една цел, а тоа е целосна обнова на Република Македонија и ставање крај на криминалот и корупцијата во државата, кои патем се одлика и секојдневние за вас од СДС.
Ако веќе се служите со вакви ниски удари, како ќе ја објасните оваа фотографија, на која командирот на Полициската станица Прилеп, Кире Спиркоски-Чипсио, се фали со цел арсенал огнено оружје на социјалната мрежа Инстаграм? Каква ли порака упатува командирот на ПС Прилеп и дали неговата цел е заплашување на неистомислениците со власта?
Ако веќе барате одговорност почнете од сопствениот двор, односно од луѓето кои треба да ја гарантираат безбедноста, редот и мирот на прилепчани.
Од моја страна уште еднаш потенцирам дека осудувам секакво насилство и секакви фотографии кои можат да асоцираат на тоа.
Граѓаните од мене и од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат победа на престојните парламентарни избори, а потоа обнова и правда. Вам од друга страна пак ви останува само да се занимавате со вакви и слични измислици, но за среќа сте целосно прочитани од јавноста и веќе ниту еден ваш збор не поминува никаде”.
&