Секој втор четврток во март се одбележува Светскиот ден на бубрегот во повеќе од 200 држави ширум светот. Околу 200 илјади граѓани во земјава имаат некоја форма на бубрежно заболување, а на дијализа одат 1.600 пациенти во 23-те центри низ државата.
Дијализата е најчесто застапениот метод во земјава за третирање на крајниот стадиум на бубрежната болест кога двата бубрега повеќе не можат да ја извршуваат функцијата. Пациентите поминуваат од 4 до 5 часа за да им се прочисти крвта од сите отрови и вишок вода во организмот.
Годинава, поради пандемијата, Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон” ги откажа сите традиционални настани и се фокусира на едукација и поддршка на годинашната кампања „Живеј квалитетно со бубрежната болест”.
„Квалитетот на живеење кај пациентите со хронична бубрежна болест варира и во зависност од нивниот карактер, опкружувањето, семејната атмофера, третманот кој го добива како и од другите придружни болести. Прифаќањето на новиот начин на живот со сите ограничувања кои ги носи е тешко и секој различно го доживува. На пациентите со бубрежни болести им се потребни повеќе видови на поддршка како од медицинскиот персонал, така и од семејството и општеството воопшто за да можат да го надминат прифаќањето на болеста и да продолжат да живеат со неа“, истакнуваат од здружението „Нефрон”.
Додаваат дека иако најоптимален метод за лекување на бубрежната болест е трансплантацијата на бубрег, сепак во нашата земја овој метод е недоволно применуван.
Бубрежните болести се незаразни болести кои во моментов погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Еден од десет возрасни има некоја форма на хронично заболување на бубрезите. Над 2 милиони луѓе во светот се лекуваат со дијализа или трансплантација. Во глобални рамки ХББ (Хроничната бубрежна болест) секоја година расте и се предвидува дека во 2040 година ќе биде 5-тата болест како причина за смртност на годишно ниво.
![](https://infokompas.com.mk//wp-content/uploads/2020/01/Matador-banner-300-149.jpg)