СДСМ Прилеп: Јовчески е „опериран“ од срам, даваше отчет за непостоечки проекти, кои ги има само во неговата фантазија


На дводневната партиска фарса во скопски „Холидеј Ин“, фарса каква Македонија досега нема видено, беа искажани купишта лаги за „невидените“ постигнувања на градоначалниците на ДПМНЕ кои за 4 години ги уништија општините со кои раководат, велат во својата реакција од ОО на СДСМ Прилеп по отчетот за сработеното за изминативе 4 години, на градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

„Борче Јовчески, човекот кој ќе остане запаметен како најнеспособниот градоначалник во историјата на Прилеп, се надмина себеси во искажувањето невистини за (не)сработеното во неговиот 4-годишен мандат.

Истиот оној Борче Јовчески кој за 4 години потроши над 100 милиони евра, во намера да му се додвори на партискиот лидер искажа тешки лаги и небулози, од кои им црвенееја ушите и образите на луѓето од неговото опкружување.

Само човек кој е “опериран“ од срам може да каже дека асфалтирал 80 улици, дека изградил нова градинка, фабрика за селектирање на отпад и училишна спортска сала, дека обезбедил 6.000 бесплатни униформи за учениците од основните училишта.

Кога Јовчески и ДПМНЕ зборуваат за 5 нови минибуси за јавниот градски превоз, тие всушност мислат на донацијата од раскантани полуисправни возила стари по 20 и кусур години кои од сите страни испуштаат масло и нафта. За што, впрочем, најдобро сведочи маслосаниот и уништен тротоар пред влезот на зградата на Општина Прилеп.

Кога Јовчески и ДПМНЕ зборуваат за 17 нови проекти вредни 8 милиони евра, чија реализација ќе започнела во втората половина на 2025 година, треба да погледнат во календарот и да видат дека за некој ден започнува септември, 9-тиот месец од тековната година, а од фантомските проекти нема ни ал ни абер.

Овие и останатите други „реализирани проекти“ напишани во табулата раза наречена „Отчет на Борче Јовчески“, ги има само во неговата фантазија и никаде на друго место!

Реалноста е поразителна и за него, и за неговата партија, но најмногу за граѓаните на Прилеп. Со Јовчески и ДПМНЕ, прилепчани плаќаат поскапа вода, градски превоз и паркинг, повисок данок и комунални услуги.

Со Јовчески и ДПМНЕ прилепскиот спорт го допре дното, младите останаа без Младински културен центар, населените места се целосно забаталени. Јовчески и ДПМНЕ јавните претпријатија ги претворија во загубари со долгови од над 2 милиони евра, од Прилеп направија небезбеден град во кој насилството и запалените возила станаа секојдневие.

Во 4-те години власт на Јовчески и ДПМНЕ, дивото градење доживеа преродба, јавните површини се узурпираа, а по мрачните, раскопани, нечисти и празни улици крстарат само глутници кучиња скитници.

Конечно, ДПМНЕ и Јовчески ветија модернизација и напредок, а оставија урбанистички хаос, економски пустош и финансиски обврски од 6 милиони евра. Доста беа манипулации, лаги и измами. На Прилеп му треба власт која ќе работи во интерес на прилепчани, а не власт која на граѓаните ќе им го краде времето, парите и надежта. Прилеп треба и мора да го вратиме на патот на развојот и просперитетот“, велат во соопштението од ОО на СДСМ Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира