
Двојно убиство и самоубиство синоќа го потресе Прилеп. Според првичните информации на улицата „Стеван Апостолоски“ се случила вистинска семејна крвава драма. Сега починатиот 43 годишен П.Ч. заедно со неговиот малолетен 11 годишен син биле на гости кај неговиот 63 годишен вујко П.Ѓ. Од засега непознати причини П.Ѓ. ги убил, а потоа и сам си пресудил.
Според јавниот обвинител Стевчо Биноски од Прилеп сопругата на сега починатиот П.Ч. пријавила околу 21.20 во ОВР Прилеп дека нејзниот сопруг и син уште од 15 часот биле појдени на гости кај нивниот роднина, но не можела да стапи во контакт со нив.
„Од страна на полициски службеници била извршена проверка во домот на П.Ѓ. но никој не ја отворил вратата. По наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила ја отвориле вратата и кога влегле во куќата едно лице фрлило бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, било пукано кон нив, при што од полициските службеници било возвратено со пукање од службено оружје кон куќата“, велат во соопштението од СВР Битола.
„Припадници на ОВР Прилеп се обиделе да влезат во куќата веднаш по пријавата, но кон нив осомничениот П.Ѓ. фрлил експлозивна направа и започнал да упатува закани. И покрај обидите да го разубедат да влезат внатре тој продолжил со заканите. Поради таквата ситуација како помош биле повикани припадници на специјалната единица „Тигар“ кои пристигнале во Прилеп и околу 1 часот по почноќ влегле во куќата, каде пронашле 3 безживотни тела. Најверојатно осомничениот се самоубил во тој момент, а во колку часот, кога и како се убиени П.Ч. и неговиот син ќе се утврдува со истрагата. Мотивот за убиството најверојатно се нерасчистени семејно-имотни односи“, истакна јавниот обвинител Стевчо Биноски.
Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатите, како и за прибирање на сите траги, оружје и муниција пронајдени на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење.