Со нацрт-законот за заштита од пушење, кој денеска и официјално е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР, се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
Доколку биде усвоен, законот изрично ќе забрани пушење пред и во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, како и пред и во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти.
Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца )
Нема да се пушти ниту во објекти на државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа.
Пушењето ќе се забрани и во објекти и возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.
Со предлог-законот се забранува и пушење во приватно возило во присуство на дете. Пушење ќе се забрани и во и пред објекти каде што се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца.
Пушењето останува забрането во објектите каде што се вршат трговски дејности и во угостителски објекти.
Нема да биде дозволено пушење ниту во заеднички простории на станбени згради како светларници, лифтови и заеднички котларници.
Според предлог-законот, пушењето ќе биде забрането и во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во објекти на приредувачи на игри на среќа.
Во сите наведени објекти и простории задолжително треба да биде поставена ознака за забрана за пушење и да се контролира нејзиното спроведување. Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени од просторите каде што не се пуши и кои ќе бидат отворени од најмалку три страни на кои нема никакви стаклени, пастифицирани или најлонски прегради.