Општина Крушево започна со донација на заштитни визири кои се изработуваат од неколку волонтери и ентузијасти од Крушево.
Во текот на вчерашниот ден извршена е донација на околу 300 визири во здравствениот дом во Крушево, а на официјалното примопредавање покрај градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски присуствуваше и директорот на Фондот за здравство во Крушево Нико Петроски.
„Денеска започнавме со донирање на околу 300 заштитни визири, заедно со директорот на Фондот за здравство во Крушево, млади ентузијасти и волонтери кои ни помогнаа во изработката. Визирите ги изработивме за потребите на најизложените служби како: ЈЗУ Здравствен Дом Крушево, итната медицинска помош, лабораторија, сите приватни ординации во нашата општина, полицијата и ТППЕ Крушево. Здравствен Дом Крушево дополнително ќе добие и заштитни скафандери за прифаќање итни случаеви со симптоми на вирус.“, изјави градоначалникот на општина Крушево.
Дополнително Општина Крушево во износ од 52.000 денари набавува и средства за дезинфекција, 300 маски, 1.000 ракавици, 200 заштитни скафандери, 100 заштитни наочари, 500 парчиња заштита за нозе и стапала. Денес се реализира уште една набавка од 400 маски, а првите заштитни скафандери веќе пристигаат.
Досега во Крушево нема заболени од коронавирус.