
Синдикатот на контролорите на летање на Македонија упати предупредувачко писмо до Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) дека на 10 јули контролорите стапуваат во штрајк и го затвораат небото ако се продолжи со вработување непотребни партиски кадри наместо контролори ма летање, инженери и метеоролози.
Незадоволството доаѓа по најновиот оглас распишан од тројцата директори Владимир Ристески, Климент Чепуњоски и Фатмир Зимбери, за вработување на нивни советници, како и лица со средно образование.

Ситуацијата таму била неподнослива, посебно по војната меѓу Израел и Иран, кога сообраќајот над македонскиот воздушен простор е зголемен и за 30 отсто.
„По затворањето на небото над Иран и Израел, цел авиосообраќај се слева кај нас. Тоа е многу, многу зголемен број на прелети, а ние сме со стар систем купен во 2001 година. Новиот не е имплементиран. И тој, новиот веќе не е нов, купен е во 2014 година“, велат од М-НАВ.
Синдикатот инсистира на веднаш да се реализираат договорите од декември 2024 година, како и на неопходното вработување стручна работна сила и конечно имплементирање на новиот систем за контрола на воздушниот сообраќај. Ако до 30 јуни не се исполнат овие барања, штрајкот ќе биде неизбежен, предупредува синдикатот.