Средношколци од Прилеп победија на Junior Achievement со идеја за иновативно парче мебел

Решение што на потрошувачите им нуди практично и интересно парче мебел „MultiBox“, му донесе победа на средното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп на натпреварот во претприемачки вештини организиран од Џуниор Ачивмент ж Македонија.

Нивната бизнис идеја е коцка мебел која се трансформира во столче, масичка и фиока за складирање и нуди подобра функционалност и искористеност во просторот. Изработена од специјално обработена и моделирана отпадна пластика на корисникот му нуди практично решение за секој мал простор и може да се собира според потребите на потрошувачите. Димензиите овозможуваат и комбинирање на повеќе коцки.

Второнаградениот тим од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје понуди повеќенаменски кујнски апарат (тостер, сечко и кафемат), додека третата награда ја доби тимот од гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, кој понуди иновативно решение за трпезариска маса. Масата врши дополнителна функција по избор на потрошувачот – уметничко дело, слика, огледало, ѕвездено небо.

„Ова се дел од идеите кои петчлената жири-комисија имаше можност да ги слушне минатата недела. На натпреварот кој се одржа од 3 до 15 март 2021 година, учествуваа 123 ученици од 16 тима од средни училишта од Битола, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Скопје, Струмица и Штип“, соопштија од ЏА.

Тие истакнуваат дека поттикнале вклученост и од бизнис заедницата, со што учениците имале можност да работат со 16 бизнис волонтери кои ги советуваа и помагаа до целта. Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата, да ги покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира