Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп активно работи на територијата на Општина Прилеп и соседните општини Кривогаштани, Долнени и Мариовскиот регион во насока на овозможување на едукација и правна помош на граѓаните за остварување на нивните права со фокус кон ранливите и маргинализирани групи.
За таа цел, по повод одбележувањето на празникот 3-ти Ноември на Општина Прилеп, а врз основа на објавен Јавен повик на Општина Прилеп, нашето здружение беше номинирано до Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Општина Прилеп, за добивање на општинска награда и признание “3-ти Ноември”за достигнувањеи придонес.
На свечената седница на Советот на Општина Прилеп која се одржа во собраниската сала на Општина Прилеп, по повод Денот на ослободувањето на Прилеп 3-ти Ноември, на здруженија и поединци им беа доделени плакети и дипломи меѓу кои плакета и на Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп, за придонес во едукацијата и асистенцијата на граѓаните во насока на остварување на нивните права.
„Самиот назив на здружението односно терминот “станица” претставува место каде што луѓето секогаш можат да се обратат, а зборот “ПЕТ” е акроним и означуваправна едукација и транспарентност. Ова значи дека ова здружение е место каде сите граѓани можат да бидат правно едуцирани и да побараат помош, но и транспарентност и отчетност од институциите.Водени од мисијата да се остварат правните потреби на граѓаните преку поттикнување на отвореност и соработка со институциите, се цели кон визијата за овозможување пристап до правда за секој граѓанин. Заложбите продолжуваат под мотото “Ако правото не е достапно за сите, тогаш и правдата не е достапна за сите. А ако правдата не е достапна за сите, таа не е право туку привилегија!“
Чест и задоволство, но и уште поголема одговорност е добивањето на едно вакво признание од општината во која работи и делува СТАНИЦА П.Е.Т., како и поттик за уште поголема ангажираност во иднина. Оваа награда е заслуга на целиот тим на правници, параправници, промотори во заедницата и сите активисти кои секојдневно се залагаат за приближување на правдата поблиску до сите.
Автор: СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп.