Советникот од редовите на Левица, Жаре Стеваноски поднесе Предлог до Советот на Општина Прилеп за донесување на Заклучок за интервенција на ЕЛС Општина Прилеп во решавање на статусот на Друштвото за спортски активности ФУДБАЛСКИ КЛУБ ПОБЕДА АД Прилеп.
„За ден 24.02.2026 година (вторник) е закажана Седница на Советот на Општина Прилеп со почеток во 10:00 часот.
Како овластен предлагач, до Претседателот на Советот на Општина Прилеп денес доставив Предлог за донесување на Заклучок за интервенција на ЕЛС Општина Прилеп во решавање на статусот на Друштвото за спортски активности ФУДБАЛСКИ КЛУБ ПОБЕДА АД Прилеп.
Една од основните надлежности на локалната самоуправа меѓу другото е да го стимулира и помага спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности, организирањето на спортски приредби и манифестации, одржувањето и изградбата на објекти за спорт и поддршка на спортски сојузи.
Ние, не смееме да свртиме грб на актуелните случувања со ФК Победа и да ја игнорираме последната можност за одржување во живот на овој спортски бренд.
Локалната самоуправа има должност да го надмине ова прашање, како што тоа го имаат сторено спортските клубови во другите градови преку трансформација на локалните спортски брендови во градски клубови.
На таков начин ќе се овозможи континуитет на ФК Победа во спортските достигнувања и контролирано финансиското работење од страна на Општина Прилеп“, истакна Стеваноски.
Воедно, тој ги повика сите спортски фанови и поддржувачи на Победа да присуствуваат на седницата и да дадат поддршка на сите советници при донесување на оваа одлука.
„Ги повикувам сите спортски фанови и поддржувачи на ваквата заложба да дојдат во ЕЛС Општина Прилеп со цел да им дадеме поддршка на сите Советници во Советот на Општина Прилеп да ја поддржат идејата за Прилеп Град на фудбалот.
Да не дозволиме ПОБЕДА ДА ЗГАСНЕ.“, додаде Стеваноски.