Основниот кривичен суд Скопје му досуди казна затвор од три и пол години на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во врска со градењето на административната зграда на Општината. Кривичен го осуди Јакимовски за две дела – бесправно градење и злоупотреба на службената положба. За бесправната изградба на општинскиот објект Судот му изрече казна затвор од една година, а за злоупотреба на службената положба и овластување затворска казна од три години.
„Со оглед дека на обвинетиот С.Ј. му се суди истовремено за две кривични дела, Судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор“.
Во соопштението од кривичен се вели дека предвидената казна за ова дело е од 3 до 8 години затвор, но имајќи ја предвид намената на објектот како и казнената политика на овој суд, била изречена оваа казна.
Пресудата не е правосилна, а Јакимовски има право на жалба до Апелација.
Инаку покрај Јакимовски, во предметот е осуден и Т.Ѓ. – претходно вработен во Општина Карпош, за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, за што Судот му изрече условна казна во времетраење од две години затвор која нема да се изврши доколку во следните пет години не стори ново кривично дело.
Имено според податоците, во овој суд досега се воделе 17 предмети за истото дело, од кои 8 се завршени со условни санкции, а само во два предмети се изречени затворски казни.