Политичката поддршка на Словачка за Северна Македонија за почеток на преговори со Европската Унија е многу јасна и ние сме посветени на таа поддршка, изјави денеска Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА), кој учествуваше на онлајн дебатата на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“.
„Јасната поддршка за почеток на преговори беше потврдена од страна на Словачка заедно со Република Чешка, на крајот од минатата година, на Самитот на ЕУ, каде што овие две земји одбија да се согласат со неправичните услови што ги наметнаа некои земји членки на ЕУ во однос на процесот на интеграција на Северна Македонија во Унијата“, рече Стражај.
Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика потсети дека поддршката на Братислава беше потврдена и со неодамнешната посета на нивниот шеф на дипломатијата Иван Корчок на земјава, порано вој месец. Корчок, кој ја посети земјава на 8-ми овој месец, изрази надеж дека ќе бидат отстранети пречките за усвојување на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ и оти тоа ќе се случи за време на португалското претседателство. Тој исто така порача земјава да се посвети на реформите, посебно на борбата против корупцијата.