Имаме силна динамика на градежните активности и реализацијата на капиталните инвестиции е одлична според резултатите од вториот квартал, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски денеска беше на увид на работите на регионалниот пат Прилеп-Мариово.
„За повеќе од еден месец ќе биде готова рехабилитацијата на регионалниот пат од Лагово до Витолиште. Веќе почна асфалтирањето на делницата од околу 9 километри, а работите чинат 650 000 евра“, рече Сугарески.
Потврдувајќи ја силната динамика на градежните активности низ државава, Сугарески нагласи дека е одлична динамиката на реализација на капиталните инвестиции за што покажуваат резултатите во вториот квартал. Особено е важно, како што вели, што за еден месец ќе бидат тендерите за патот до Прилеп и за експресниот пат на оваа делница.
„Следниот месец ќе бидат распишани тендерите, и тоа за трите ленти за делницата од Фариш до Прилеп во должина од 19 километри, како и тендерот за експресниот пат од Фариш до Дреново. За нас во Министерството ова е многу важно. Има позитивен резултат од Европската банка, така што, продолжува силната динамика на инвестициите“, изјави Сугарески.
