Сулејмани за Годишните конкурси: Ќе дадеме јасна предност на сериозни, добро осмислени и одржливи проекти

Facebook
Twitter
Email
Print
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани на прес-конференција во Владата соопшти дека од денеска во 12 часот е отворен системот за електронско пријавување на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2027 година.

Системот за електронско пријавување ќе биде отворен до 30 октомври 2026 година, до 15:30 часот.

На прес-конференцијата, министерот Сулејмани истакна дека конкурсите се наменети за поддршка на квалитетни, иновативни и одржливи проекти што ја збогатуваат културната понуда, отвораат простор за нови креативни изрази, создаваат нова публика и придонесуваат за поголема регионална и меѓународна видливост на македонската култура.

„Културата ја гледаме како стратешка инвестиција во креативниот потенцијал и во одржливиот развој на нашето општество. Со конкурсите за 2027 година, продолжуваме со јасни и стабилни правила, но и со јасно поставена цел – да ги поддржиме проектите што имаат квалитет, визија и потенцијал да создадат долгорочна вредност. Очекуваме професионални и добро осмислени проекти од нашите уметници, здруженија и културни организации“, истакна министерот за култура и туризам Сулејмани.

Тој информираше дека во фокусот ќе бидат проекти со потенцијал за долгорочен придонес кон културниот развој преку институционална соработка, регионален досег, меѓународна афирмација и привлекување нова публика.

Особено внимание ќе се посвети и на проектите што ќе се реализираат во пограничните зони, со цел културните содржини да бидат достапни во различни средини и да придонесат кон развојот на локалните заедници.

„Нашата политика е инклузивна, но и одговорна: ги поддржуваме сите што создаваат вредност, истовремено инсистирајќи на професионалност, одговорност и мерлив придонес. Државата стои цврсто зад своите уметници, институции и културни работници“, рече министерот Сулејмани, додавајќи дека со овие конкурси и со капиталните инвестиции кои се реализираат паралелно, се создаваат услови за стабилна, видлива и самоуверена култура.

Во однос на начинот на аплицирање и критериумите, министерот истакна дека за 2027 година се задржува воспоставениот реформски курс, нудејќи им на апликантите јасни, стабилни и веќе познати правила.

Се задржува минималниот праг од 40 бода од вкупно 100 за финансиска поддршка, а оценувањето се врши според унифициран систем на бодување: до 70 бода за квалитетот на содржината, до 15 бода за човечките ресурси и до 15 бода за финансиската оправданост.

Министерот Сулејмани ги повика уметниците, здруженијата, независните културни организации и сите заинтересирани апликанти да ги разгледаат условите на конкурсите и навремено да ги поднесат своите проекти.

Пријавувањето за сите области се врши исклучиво електронски преку Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk. Пријави во печатена форма или по пошта нема да се разгледуваат.

Годишните конкурси за 2027 година се објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци