Според најновиот извештај за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл Македонија со 42 индексни поени е позиционирана на 76-то место од 180 држави, што е подобрување од минатата година, кога беше на 85-то место со 40 индексни поени.
Измените во Кривичниот законик се наведуваат како главна забелешка за слабиот напредок на земјата во борбата против корупцијата. Покрај ова причина за загриженост, се и „политички мотивираните назначувања и разрешувања на судии“.
Институциите на системот како што велат од Транспаренси, и натаму остануваат глуви на критиките и препораките за борба против корупцијата, што според нив, се согледува и од тоа што во Македонија постојано на површина излегуваат нови коруптивни скандали.
„Секој резултат од 50 поени согласно мерилата на индексот на перцепција на корупција во која група припаѓа и Македонија укажува на сериозни корупциски проблем во јавниот сектор. Во Македонија корупцијата е се уште на многу високо ниво и нема реално подобрување на работата кај голем дел од институциите кои треба да бидат на чело на борбата против корупцијата. Судството и јавното обвинтиелство кои треба да бидат водечки ентитети во борбата против судството, имаат ниска доверба“, вели Благоја Пандовски – Претседател на ТИ Македонија.
Според Транспаренси, во Македонија се уште има недоволна демократија, транспарентност во работата на јавните институции и владеењето на правото кои мораат да бидат подобрени за земјава да има реални резултати во борбата против корупцијата. Последните случаи со М-НАВ, како и измените на кривичниот законик велат дека ја поткопале и онака кревката доверба во судството и јавните институции, а за земјава оставиле лоша слика и пред меѓународната јавност.
„Последиците од измените на кривичниот законик за кои се намалува санкционирањето и предвидената затворска казна за злоупотреба на кривичното дело злоупотреба на службената положба се неповолни во делот на санкционирањето и борбата против корупцијата. Секако тука заслужува да се споменат и скандалите со партиските вработувања пред избори, случајот со упадот во М-НАВ, кои предизвикаа бројни негативни коментари како од домашната стручна јавност, така и од меѓународните чинители во државата“, додава Пандовски.
И покрај малиот напредок, Македонија и понатаму е во друштво на Унгарија, Молдавија,Тринидад и Тобаго и Буркина Фасо. Од регионот, подобро рангирани од Македонија се Словенија, Хрватска, Грција, Црна Гора и Бугарија, додека Косово, Албанија, Србија и БиХ се со послаби резултати во борбата против корупцијата.
Данска (90) е на врвот на индексот шеста година по ред, а по неа следуваат Финска и Нов Зеланд. На дното на листата се Сомалија, Венецуела, Сирија, Јужен Судан и Јемен.