Општина Прилеп, во соработка со Институтот за старословенска култура – Прилеп, на 21.10. од 18 часот организира трибина- тркалезна маса, посветена на развојот на македонската ослободителна мисла, од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, преку револуционерните борби и историските пресвртници, до конституирањето на македонската држава и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Преку стручни излагања и модерирана дискусија, истакнати македонски историчари ќе ги отворат прашањата за развојот на македонската национална свест, програмските определби на револуционерното движење и историските процеси што го одбележале македонскиот пат кон слободата и државноста, со посебен осврт на улогата на Прилеп и Прилепско.
На трибината ќе учествуваат:
- Лилјана Гушевска, научен советник и редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје, со тема: „Јазичното прашање и неговото значење во процесот на градење на македонската национална свест“.
- Наташа Котлар-Трајкова, редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје, со тема: „Основањето на МРО, нејзините програмски определби и нејзината внатрешна структура“.
- Славчо Ковилоски, историчар и автор на повеќе дела посветени на македонската историја и историјата на Прилеп и Прилепско, со тема: „Илинденското востание преку сведоштвата на учесниците од Прилепско, како и поделбата во 1912/13 година“.
- Ленина Жила, историчарка со научен интерес за меѓународните односи во XX век и македонското прашање во меѓувоениот период, со тема: „Пројави на македонска национална свест во меѓувоениот период“.
Модератор на трибината ќе биде Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура – Прилеп, виш научен соработник и вонреден професор.
Настанот е отворен за јавноста и претставува можност за аргументиран разговор за историските процеси, идеите и личностите што го обликувале македонското национално движење и стремежот за сопствена држава.
Општина Прилеп ги поканува граѓаните да присуствуваат и да се вклучат во разговорот за македонската историја, националната свест и државноста.
Настанот се реализира во рамките на програмата „ПРИКАЗНА ЗА ГРАДОТ ХЕРОЈ“, која се реализира од 1 октомври до 3 ноември.