На 2 септември 2022, петок од 19.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Убавината како хармонија и единство на противречностите“.
Ќе бидат претставени дела од деветмина сликари, Александар Џинго, Атанас Атанасоски, Бојана А. Трпческа, Ванчо Кеков, Верче Николоска, Марија Светиева Ергас, Марјан Стојаноски, Филип Јовески и Христина Мазнеска, а куратор на изложбата е Викторија Димеска, историчар на уметност.
Текст за изложбата од Викторија Димеска.
Неопходноста од разгледување и редефинирање на различните сфаќања за суштината и улогата на естетската категорија убавина во современата епоха преку уметноста, како најсоодветна алатка за нејзино проучување, претставува основен мотив за реализацијата на проектот: „Убавината како хармонија и единство на противречностите“. Во ликовната уметност се разликуваат три вида на хармонија на елементите: хармонија по аналогија, хармонија по функција и хармонија по идеја.
Суштината на општочовечките вредности, како и нивното настанување, прифаќање и опстанок, претставуваат предмет на проучување на естетиката. Споменатите вредности и идеали најчесто се условени од разните историски текови кои доминираат во дадена култура. Во суштина, естетските идеали се „јавуваат и настануваат како хиперболизација на најдоброто“.
Имено, коренот на естетскиот концепт според којшто убавината се дефинира како хармонија и единство на противречностите, проникнува од учењето на античкиот филозоф Хераклит. Честопати, во раните филозофски сфаќања, убавината се поврзувала со други вредности како што се: умереност, воздржаност, хармонија и симетрија.
Изложбата (од 2.9 до 16.9.2022 ) се реализира со поддршка на Министерството за култура.