Претседателот на Синдикатот на вработените во органите на државната управа, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Дејановски, денеска сам излезе пред Центарот за социјална работа – Скопје за да побара обезбедување на безбедноста на вработените во социјалните центри откако во Прилеп, колешка, на работното место, беше погодена со два куршума. Дејановски обвини дека по наредба на Министерството за социјална политика директорите и раководителите на скопските центри ги заплашиле вработените.
„Денеска беше замислено заедно со мене да има голем број вработени во Центарот за социјални работи, кои само сакаа да ѝ дадат поддршка на својата колешка и да побараат од работодавците побргу да има мерки за заштита на работното место на вработените. За жал, од вчеравечер, по наредба од Министерството за социјална политика и раководителите и директорите од скопските центри за социјална работа, останав без колегите бидејќи сите се заплашени. Им се закануваат дека ако излезат надвор и ѝ дадат поддршка на колешката и побараат какво било друго право, ќе бидат избркани од работа или ќе бидат распоредувани на други места“, рече Деаноски.

Бидејќи избрале да комуницираат со Синдикатот на УПОЗ преку медиумите, Дејановски ги охрабри и им порача дека за правата на работниците не треба да се молчи, туку треба да се борат и оти никој не може да ги избрка од работа ако сакаат да ѝ дадат поддршка на колешката.
„Сакам да ги охрабрам дека за правата на работниците не треба да се молчи, за правата на работниците треба да се бориме. Никој ништо не може да им направи и никој не може да ги избрка од работа доколку сакаат да заштитат нивни колега. Треба да се знае дека Центрите за социјална работа се специфична група на вработени, и секогаш работат со најмаргинилизираната група граѓани во општеството и секогаш се изложени на голем ризик, а она што се случи во Прилеп беше кулминација на сите напади досега“, Истакна Дејановски.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече дека барањата на вработените во центрите за социјална работа се стари, од 2023 година, кога почнаа да се организираат во Синдикатот на УПОЗ, а се однесуваат на мерки за поголема безбедност на работните места.
Министерството за социјална политика преку соопштение се огласи два дена по немилиот настан со осуда за секое насилство врз вработените во центрите за социјалана работа и соопшти дека веќе се преземаат мерки за физичко обезбедување на сите установи во нивна надлежност.
„Секој Центар за социјална работа ќе има физичко обезбедување додека трае работното време. Оваа година за првпат сме во постапка за отворање на оглас за јавна набавка. За кратко време секој Центар ќе има физичко обезбедување“, изјави Метин Лимани, Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Дејановски изрази надеж дека мерките на Министерството нема да се задоцнети и потсети дека вработените во центрите работат во никакви услови, не добиваат надоместок за дежурство, не добиваат надоместок за приправност, влегуваат сами без полиција во случаи во кои има убиства, без никаква заштита, а за тоа немаат ниту бенефициран стаж. Овие проблеми Деаноски побара итно да бидат решени за да се избегнат исти или слични ситуации.