ФЗОМ планира „Клексанот“ да го стави на рецепт – се преговара и „Ксарелто“ да се најде на позитивната листа

Facebook
Twitter
Email
Print

Фондот за здравствено осигурување најавува измени во правилниците за позитивната листа на лекови, со кои антикоагулансот Клексан ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, наместо да се бара рефундација.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, денеска истакна дека е побарано да се направат две клучни измени во правилникот, прво, да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, а второ, Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани.

„Во прв план ни е префрлање на антикоагуланси, префрлање, бидејќи се тие веќе на болничката листа на пример Клексан. Значи да не се рефундира веќе Клексанот, туку да може да се подигне на рецепт и се надевам дека час поскоро, штом Комисијата почне да функционира и се направат овие измени на правилниците дека ќе го имаме првото зголемување со антикоагуланси“, изјави Сашо Клековски, директор на ФЗО.

 

„Позитивната листа претставува форма на субвенција за одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени“, додаде Клековски.

Директорот на ФЗОМ истакна дека за таблетарниот антикоагуланс Ксарелто сè уште нема договор, бидејќи производителите засега не сакаат да го вклучат на позитивната листа.

„Разговараме со еден од производителите за да обезбедиме пониска цена, бидејќи овој лек е често користен кај повозрасните пациенти со кардиолошки проблеми“, додаде Клековски.

Минатата година во септември позитивната листа беше дополнета со 87 лекови. На листата беа додадени лекови за крвен притисок за срцеви заболувања, анти агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи