Министерот за здравство Венко Филипче смета дека одѕивот за вакцинирање треба да биде поголем. Апелира до граѓаните да се пријавуваат на сајтот „вакцинација.мк” за кој вели дека функционира беспрекорно и нема никакви проблеми при закажувањето.
„Преку имејл или СМС граѓаните добиваат известувања за времето и пунктот каде што треба да се пријават за вакцина. Мал метеж се појави пред салата Борис Трајковски. Во текот на вчерашниот ден утврдивме дека помала група граѓани доаѓаат нешто пред терминот, тоа е причината за метежот“, рече министерот Филипче.
Засега, не се дозволува избор на вакцина, бидејќи, како што рече, сите вакцини се безбедни и не се забележани контраиндикации, освен за вакцината на „Астра Зенека” која не се дава на лица помлади од 60 години.
„Во однос на типот на вакцина ние засега не дозволуваме избор на вакцина. Нема ниту можност, ниту реално постои потреба за тоа. Нема контраиндикации за ниту една вакцина кај ниту една возрасна група. Пријавените граѓани ја одбиваат онаа вакцина која е на располагање во моментот“, рече Филипче.
Во тек е вакцинација на претставниците на критична инфраструктура, односно вработени во институции кои се од витално значење за функционирање на државата, но Филипче уверува дека сите што се пријавиле ќе добијат термин за вакцина.
Очекувањата се дека во текот на мај треба да пристигнат близу 50 илјади вакцини Фајзер, односно секој понеделник по приближно 10 илјади вакцини, а околу 14-15 мај, во зависност од тоа како ќе биде организиран транспортот, се очекува да пристигне и дополнителната количина од „Синофарм” обезбедена преку Министерството за одбрана.