Во Општина Прилеп денес беше одржана првата конститутивна седница на Совет на млади, на која покрај градоначалникот Илија Јованоски, присуствуваа и претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски, претседателот и членовите на Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата и избраните претсавници од младинските огранизации.
Советот на млади брои 9 членови и е формиран од млади луѓе на возраст од 15 до 30 години, кои по објавен јавен повик беа избрани од страна на Комисијата за општествени дејности и заштита на правата на децата при Советот на општина Прилеп.
На денешната конститутивна седница, за претседател на Совет на млади беше избран Јован Јованоски, потпретседател е Маја Стеваноска , а според деловникот за работа претседателот за секретар го назначи Александар Богоески.
Градоначалникот Јованоски, кој исто така присуствуваше на конститутивната седница, го изрази своето задоволство од формирањето на Советот на млади и истакна дека Општина Прилеп во рамките на своите надлежности ќе ја поддржува работата на Советот на млади, кој ќе има значајна улога во креирањето на младинската политика и зголемена вклученост на младите во донесувањето на одлуки од општествен интерес.
Советот на млади ќе има повеќе активности, меѓу кои и поднесување предлози до Комисијата за општествени дејности и правата на децата при Советот на општина Прилеп, предлагање на мерки за остварување и спроведување на одлуките и програмите за грижа на младите, организирање работилници, предавања, трибини, манифестации и други активности во врска со младинските прашања, а воедно ќе поттикнува и соработка со Советите на млади од другите општини во земјава.