Денеска во Кочани се одржа нов протестен марш на семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ како последица на пожар кој се случи на 16 март. Денешниот беше четврти протест под мотото „Задоцнета реакција“ и се одвиваше по улиците на градот, пред општинската зграда, пред СВР Кочани и заврши пред Основниот суд.
Со слики во рака од своите најмили, маршот го почнаа од Паркот на револуцијата, се движеа кон трговскиот центар, потоа кон Општина Кочани. Тие го изразија својот револт кон институционалното работење.

Маршот продолжи кон МВР при што им посочија дека задоцниле со реакција во секоја смисла на зборот.
„Сите вие кои сте одговорни за системот во државата, кои мудро ја одбегнувате одговорноста за најголемата трагедија од европски рамки што се случи во Кочани. Ние родителите на починатите деца би сакале барем за миг да бидете во нашата кожа, да може да ја почувствувате раскинувачката болка која ние ја чувствуваме, можеби тогаш ќе ја почувствувавте сериозноста и болната ситуација во која се наоѓаме. Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници на монструмот ако убиените деца беа ваши деца“, праша една од мајките.
„Се прашуваме, ако вие не сте надлежни за нашата безбедност, тогаш кој е? Имате ли доблест да ја признаете вината за таа кобна ноќ, или тоа не ве учеле кога си ги купувавте дипломите? Секоја сабота нашиот марш е уредно пријавен во полиција, болница, пожарна. Дали концертот на ‘ДНК’, монструмот го пријавил таа кобна ноќ кај надлежните? Дали таа вечер вие, полицијата требаше да бидете таму? Ништо тие деца не прогрешиле што отишле на концертот, но не знаеле како функционираат работите во т.н. дискотека – шталата на смртта. Отпосле дознаваме дека таа била дувло за многу нелегални работи. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите невини, кутри деца, со нивниот прерано одземен живот? Зошто не ја контролиравте работа на монструмот и имало трипати повеќе присутни од капацитетот. Бараме од вас, МВР, одговорност за прерано згаснатите животи на нашите деца. Ставете се 5 минути во нашата кожа. Можеби други ве аменстирале, ама ние не“, кажа мајката на еден од починатите.
Протестот заврши пред Основен суд, каде граѓаните побараа отчет за сработеното и неселективна правда.