Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска седницата прв пат во историјата на работата на законодавото тело ја почна на албански јазик.
На ова веднаш реагираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои му порачаа на Џафери дека постапува спротивно од Уставот и од Деловникот.
„Законот уште не е ставен во употреба, ги кршите процедурите и постапувате спротивно на членот три од Деловникот каде што стои дека службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо“, му се обрати координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски напоменувајќи дека треба да се почека одлуката од Уставниот суд каде што е поднесена иницијатива за оценување на Законот.
Џафери реплицираше дека Законот за употреба на јазиците е донесен, тој е во сила и додаде дека тој имал трпение од една година од јануари 2018 до јануари оваа година и чекал на претседателот на државата да го потпише Законот и да сфати дека не може да го спречи парламентот и волјата на мнозинството.
Претседателот на парламентот продолжи да ја води 82. седница на албански јазик. Седницата е посветена на пратенички прашања, а за нив се пријавиле над дваесет пратеници.