Гордо стоиме исправени пред големиот предизвик Прилеп да го претвориме во современа, развиена, безбедна, еколошки чиста и европска општина, со повисок стандард на живот за сите граѓани. Она што мораме сите заедно, храбро, одлучно, чесно и одговорно, да го направиме, е признавањето на фактот, дека имаме обврски кон себе, кон своите деца и идните генерации. Рече кандидатот за градоначалник на СДСМ во Прилеп, Илија Јованоски.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Завршува 12 годишното криминално и коруптивно владеење на Марјан Ристески, продолжената рака на Никола Груевски.
Никогаш повеќе со Прилеп нема да раководат аздисани и корумпирани политичари, на кои личните интереси им се над интересите на граѓаните.
Граѓаните на Општина Прилеп даваат масовна поддршка на СДСМ и новите реформски политики за живот на сите граѓани.
Да се биде вистински градоначалник, значи да се работи за интересите на сите граѓани. Да се врати вербата во правдата, чесноста, меѓусебното почитување, колективниот успех и вербата во иднината на Прилеп.
Вистинскиот градоначалник не замижува пред најгорливите комунални и егзистенцијални проблеми на граѓаните, напротив ги решава.
Имаме тим, имаме знаење, енергија, но пред се’ и над се’, имаме силен мотив и визија да изградиме европска општина по мерка на граѓаните на Прилеп.
Општина во која секој ќе добие еднакви шанси за работа и развој. Во која младите ќе останат да работат и да формираат семејства.
Општина која ќе биде партнер на стопанството во отворањето нови работни места.
Општина во која запишувањето на децата во градинка, нема да биде траума за родителите и децата.
Општина со силни и развиени села кои ќе бидат економски поврзани со градот, и кои нема да се стравуваат од поплави и губење на земјоделското производство.
Прилеп повторно ќе биде град на спортот и на културата.
На 15 октомври, Прилеп – градот херој, ќе ја затвори темната страница и ќе отвори нова страна за достоинствен живот и подобра иднина за сите.
На 15 Октомври коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе слави голема победа во Општина Прилеп. За сите нас. За нашите деца. За генерациите кои доаѓаат. За живот во Прилеп“,истакна Илија Јованоски, кандидат за градоначалник на СДСМ во Прилеп.