Кариерата на Карло Анчелоти како тренер на Баерн Минхен е доведена во знак прашање, откако Баерн беше декласиран на гостувањето во Париз кај ПСЖ со 3:0.
Баерн изгледаше како бледа сенка на тимот кој што доминираше во германскиот фудбал и постојано се бореше за титулата во лигата на шампиони. Контроверзното оставање на клупа на Робен, Рибери и Хумелс воопшто не му помогна на тимот на Анчелоти на вчерашниот натпревар.
„Ова беше горчлив пораз. Пораз за кој што мора да зборуваме, да го анализираме и за кој што мора да има последици. Мислам дека тоа што го видовме вечерва не беше Баерн Минхен. Многу е важно да свртиме нова страница и да се претставиме како Баерн Минхен што поскоро. И тогаш да покажеме дека сме тим кој остави белег во Европа и на национално ниво претходните години и да се вратиме на старите патеки“, изјави Карл Хајнц Румениге по поразот од ПСЖ.
Со овој резултат Баерн се 3 бодови зад лидерот ПСЖ, со ист број на бодови со Селтик. Слична е и состојбата во Бундеслигата, каде што во шест натпревари Баерн има два порази и моментално се наоѓа на третата позиција, што уште повеќе го зголемува притисокот врз Анчелоти.
Италијанецот полека почнува да ја губи и поддршката од своите играчи. Кога Робен беше запрашан после поразот од ПСЖ дали го поддржува својот тренер, тој одби да даде одговор.