Видео – Талевски: Мајката на Гоце Ингилизов добила тендер од 300.000 евра за реконструкција на градски стадион

Прилепската локална самоуправа била легло на непотизам и корупција. Фамилијарните врски со Марјан Ристески биле клучни за вработување, добивање на тендери и ширење на личното богатство, изјавија од СДСМ на денешната прес конференција.

 

Прес конференцијата на носителот на советничка листа од СДСМ за Прилеп, Миле Талевски ви ја пренесуваме во целост.

 

 

„Заштитното градежно друштво за изградба, производство, трговија и услуги „Новоградба“ ДООЕЛ Прилеп е фирмата која за сума од приближно околу 300.000 евра, врши реконструкција со доградба на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп.

Сопственик на „Новоградба“ е Милка Ингилизова, мајка на директорот на ФК „Победа“ и сопственик на 20% од акциите на клубот, Гоце Ингилизов и кума на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.

Постапката за доделување Договор за јавна набавка за реконструкција на Градскиот стадион во Прилеп ја распиша Општина Прилеп, а средствата во висина од 750.000 евра се донација на УЕФА.

Ова е уште една потврда дека по теркот на Груевски и “фамилијата“, и Прилеп си има своја “фамилија“ без чие знаење и дозвола не смеел да помине ниеден поголем бизнис во градот.

Како да било малку што со донација на топлотна пумпа од 5.000 евра кумот на Марјан Ристески, Гоце Ингилизов, станал еден од сопствениците на прилепскиот спортски бренд ФК „Победа“, туку морало и бизнисот од 300.000 евра за реконструкција на стадионот да го добие неговата мајка, Милка Ингилизова.

Почитувани граѓани,

Еве како цели 12 години функционирале бизнис интересите на прилепската “фамилија“ на чело со Марјан Ристески. Кумови, братучеди, вујковци, чичковци на функционери од Општинскиот комитет на ДПМНЕ се вработувале, добивале тендери и го ширеле личното богатство. Прилепската локална самоуправа била легло на непотизам и корупција.

Токму поради ваквите крајно сомнителни јавни набавки во кои при нивната распределба преовладувале фамилијарните врски на Марјан Ристески, до Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи ќе бидат поднесени барања за ревизија на материјално финансиското работење на „Новоградба“ ДООЕЛ Прилеп.

Истата постапка за утврдување на законитоста во работењето ќе биде спроведена и во ФК „Победа“ АД Прилеп и во Здружението за спорт и култура „Манкис“ 2015 Прилеп.

Новата локална власт предводена од градоначалникот Илија Јованоски ќе им овозможи еднаков третман на сите фирми кои ќе учествуваат на огласите за јавни набавки распишани од страна на Општина Прилеп“, истакна Талевски

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien